АД Макотекс
Макотекс А.Д.
Магацин Миравци

 

Макотекс АД Скопје е основано во 1949 година. Друштвото првобитно функционирало како откупна станица со кожи, врз основа на решение на Владата на ФНРЈ.

Во текот на работењето друштвото покажа високи перформанси на полето на увозот, извозот, застапувањето на странски друштва, во трговија со кожа, текстил, памук, волна, синтетика, конфекција, хемиски производи, стока за широка потрошувачка и останато.

Во период на 70-те до 90-те години, Макотекс АД Скопје се рангираше меѓу првите пет по големина друштва на ниво на бивша Југославија, покрај Центротекстил, Генекс, Југоекспорт. Во тој период, друштвото имаше најголем број на вработени лица (1.100 во 1990 година), максимален надворешен промет, голем број на претставништва и фирми во Бугарија, Романија, Чешка, Австрија, Германија, Италија, Грција, Унгарија, САД, како и во останатите градови во Југославија, односно во Белград, Сараево, Љубљана, Ниш, Лесковац.

Во 1991 година, со распаѓањето на Југославија, како и со процесот на трансформација на општествениот капитал дојде до значително опаѓање на обемот на работа. Поради изразеното намалување на профитот, претставништвата и фирмите во странство, континуирано се затвораа.

Процесот на приватизација е воден со значителни неправилности, особено поддржани од менаџерскиот тим, што раководеше со друштвото до октомври 2000 година. Новиот Управен одбор од февруари 2001 година, целиот ангажман го насочи кон итно консолидирање на друштвото.